Турнејата во САД, заврши!

Турнејата во САД, заврши!

Sep 29, 2024

image

Реализирани се 7 аудио-визуелни предавања (Историја на Македонската рок музика, 1963-2023), во периодот од 06.09. до 21.09.2024 година, во

  • Њу Јорк

  • Њу Џерси

  • Вашингтон

  • Чикаго

  • Детроит

  • Кливленд и

  • Атланта

Идејата за оваа турнеја по САД е всушност мој обид за демистификација на една децениска парадигма – дека единствениот културен идентификационен код на македонските иселеници, со Македонија, е изворната фолклорна музика. Никогаш не сум ја прифаќал оваа теза, која дури и сметам дека е поразителна за развојот на општеството ако се продолжи со нејзината исклучивост, од страна на државните институции, во случаите на културно претставување на државата.

Шареноликоста на културниот живот и особено урбаниот развој на културата во последните неколку децении, мора соодветно да биде претставено и во моментите на поврзување со нашата дијаспора но и во репрезентативното претставување на државата во светот, низ призмата на културните и уметничките достигнувања. Урбаната музика, е достоен културен репрезент на сегашноста и минатотото и не смее да биде изоставена и заборавена.

Воден од погоре напишаната констатација и желбата нешто да променам во оваа насока, а цврсто убеден дека во македонската дијаспора постои генерација/и за кои урбаната музика е нивниот саундтрек за живот, одлучив да направам серија аудио-визуелни предавања кои ќе го прикажат раѓањето, развојот и сегашноста на македонската рок музика, согледана низ неколку перспективи: на чиста фактографија, територијална дисперзија, мултикултуралност, социолошки и културни придвижувања на општеството, поетичност и ангажираност, забава и стил на живот, индустрија и волонтаризам, страст и страдање, ентузијазам и посветеност, организираност и спонтаност. Сѐ ова во 60 минути, со обемно прикажување на артефакти/фотографии (во бројка од преку 260) и проследено со македонска рок музика (околу 60 минути) од различни декади од нејзиното постоење.

image

Моите почетни очекувања не беа нереални па посетеноста која се изразуваше во бројност од 20-30 луѓе на секој од настаните, беше она што очекував дека ќе биде состојба на сегашност. Она што можеби помалку ме плашеше беше дека генерациите кои ми беа таргет, оние кои и во Македонија за свои урбани херои ги имале македонските рок бендови и нивните наследници, во новата татковина ја прифатиле доминацијата на турбо фолкот и турбо поп културата. Но стравот беше нереален.

image

Врската со домашната урбана култура се покажува нераскинлива, или не барем толку едноставно променлива. Недостасува надоградба на познавањата, редовна апдејтираност за она што овде се случува на сцената, а за што не постои можност да се информираат – затоа што и македонските домашни медиуми воопшто не ја таргетраат рок музиката. Она што особено ме израдува беше посетата, скоро на секое од предавањата, на луѓе иселени во 70-ти и 80-ти, кои некогаш биле дел од македонската рок музика и кои со задоволство зборуваа за настани од своето време на живеење во Македонија и со гордост го истакнуваа своето музичко минато. На овие средби особено се радував, осознавајќи нешто повеќе за тие години, за бендови за кои само сум наслушнал и за ситуациии/настани за кои не сум знаел.

Македонските иселеници од помладата генерација, иселени во последните 2-3 децении, ја сакаат македонската рок музика. Тоа е факт. Нивните херои од младоста, и симболи на македонштината, односно културен код за Македонија, не се само Сариевски, Бадев, Христовски, Лазарова, Гиева итн., туку и Стефановски, Вртев, Трајкоски, Чаповски, Младеновски, Атанасоски, Хаџиќ, Николов, Попов, Серафимов, Димушевски, Џајковски итн.

Но како/што да се направи за да оваа урбана култура им биде подостапна?

image

Она што го осознав на лице место е фактот дека македонските иселеници си имаат организирано свои, македонски културни центри. И во нив е организиран целокупниот културно-забавен живот во одредени средини каде што има поголема концентрација на македонци. Но програмата во нив е базирана на фолклорот со многу мали исклучоци, како што беше во мојот случај.

Истите тие центри не се препознаени од Македонија и државните институции кои постојат за да ја воспостават врската со дијаспората, па затоа и не чуди непокажувањето интерес и во нив да се доставува македонска урбана култура, или барем културни производи (книги, музички изданија итн). Како да се вмрежат сите постоечки Македонски Културни Центри во дијаспората (САД)? И како да се прошири таа мрежа и дали воопшто Македонија има желба да испорачува домашна урбана култура (и културни производи) во земји во кои живее нашата дијаспора. Некои работи треба да се исправат и не може да одат под default, како што со децении се практикува.

Само е потребна желба, визија и добра подготовка и секако, голема поддршка од Македонија и нејзините институции.

image

Освен предавањата и средбите со љубителите на македонската рок музика, зацртана цел од самото тргнување од Македонија, беше и посетата на Конгресната библиотека во Вашингтон и архивот и библиотеката на Rock’n’roll Hall Of Fame во Кливленд, и доставување на примероци од Македонска Рок Енциклопедија, Македонска Дискографија-Винили, Македонски Рок Времеплов и Мизар-Откровенија 1981-2021. Сега, и македонската рок музика, записите за неа, бендовите, музичарите и настаните, се интегрален дел од светската рок музика, макар на ваков симболичен начин. Во некоја блиска или далечна иднина, некои истражувачи/пишувачи на светската музичка историја ќе ги имаат на дофат и достигнувањата на македонската урбана музика, складирани и архивирани на вистинските места. И оваа соработка ќе продолжи и во иднина. Во еден краток разговор на состанокот со кураторот во Rock’n’roll Hall Of Fame, изложив идеја за изнаоѓање начин за отворање на музејот и кон помалите рок сцени во светот и овозможување на помал простор во музејот на кој ќе се претстават и тие рок движења. Македонија ја предложив како прва таква, да го отвори просторот. Идејата се виде интересна, разговорите ќе продолжат.

image

Уште многу нешта треба да се направат за популаризација на македонската урбана музика, но и секој поединечен исчекор е чекор напред. Секоја нова придобиена почит од поединец кон оваа култура е вредна за трудот, така и ова мое патување сакам да го оценам како вредно за вложениот труд и огромната поддршка која ја добив од македонците распослани насекаде низ светот.

Да бев сам во идејата, немаше да отидам подалеку од Њу Јорк и македонскиот центар таму. Но тоа ќе беше само шетање, мое, за што не бев подготвен. Поддршката од Министерството за култура се однесуваше само на аудио-визуелно предавање, таму. Благодарение на донациите од стотина македонци, успеав да го организирам ова патување во сите места во кои се појави желба за да се слушне нешто повеќе за историјата на македонката рок музика.
Ви благодарам од срце на сите и како што ветив, деновите по моето враќање, секој од вас ќе добие и соодветен подарок од мене, во вид на книга или музичко издание од пребогатата македонска музичка дискографија.

Им благодарам од срце и на домаќините во средините во кои што бев, тие беа дополнителна поддршка но и инспирација и мотивација за ова што го работам.
Ви благодарам, Боби, Ани, Горазд, Златко, Диме, Катерина, Зоран, Ѓоре, Симона, Гордана, Ристе, Тони, Диме, Маја, Дуле, Маја, Драган, Соња, Тони, Тони, Дани, Ерол, Данка, но и на вас драги мои пријатели во Македонија: Васил, Бојан, Борис, Министерство за Култура.

И како што велат Пеце и Бранко - сé (или можеби не?) се постигнува со сила и нервоза :)

Тошо Филиповски (29 септември 2024)

Enjoy this post?

Buy Проект: Рок историја a launch

More from Проект: Рок историја